Friday, May 25, 2018

ДЕФЕКТ

Мал, голем, технички, суштински, машински, примарен, критичен, естетски,  сериозен, радикален, карактерен, функционален, системски, основен, спореден, инхерентен, политички, фатален. Сите овие придавки до/опишуваат една единствена именка. Се вика „дефект“. Во Кембриџ речникот е објаснета како грешка или проблем во нешто или некого што предизвикува или го спречува тоа нешто или таа особа да функционира правилно. Второто (и според современата наука спорно) објаснување и употреба е дека дефект е физичка состојба во која нешто не е во ред со некој дел од нечие тело. Синоними се нерегуларност, мана, недостаток, фалинка, несовршенство. Значењето на зборот е во фокус на мојот интерес  во последно време бидејќи живеам во општество полно со дефекти од различна природа. И во оваа приказна ќе се позанимавам со него од една лична, секојдневна и навидум обична перспектива.

Не користам јавен превоз често затоа што искуството ми е секогаш еднакво непријатно. Ќе ви раскажам зошто. Кога и да се обидеме јас и тој што ме придржува да се превеземе со автобус на ЈСП на кој има знак дека е пристапен за лица со попреченост, возачот прво се преправа дека не не` гледа. Откако ќе му скренеме внимание дека постоиме, ќе го замолиме да ја спушти рампата за да влеземе. Тој, онака, безволно ќе не` погледне, ќе одмавне со глава и низ заби ќе процеди: „Не работи, во дефект е.“ „Па, како да се качиме?“, се чудиме гласно. „Снајдете се, нека ви помогне некој!“, следи одговор. И сфаќам дека тука завршува секој обид за комуникација на мојата маленкост и неговата висост. Тогаш ќе притрчаат неколку добронамерни патници и ќе ме кренат со се` количка во автобусот. Возењето е, секако, тензично и стресно, што од настанатата ситуација, што од тоа што не` чека истата процедура за слегување. Додека се препотувам/е, шоферот изгледа сосема спокојно. А, по истоварувањето, чувството на олеснување ми/ни е толку големо небаре сме се искачиле и симнале од врвот на светот.

Размислував каков ли е тој заеднички дефект на скопските автобуси што рампите не им се во функција. Мора да е `рѓосан механизмот од неупотребување, тоа би бил некаков мој најлогичен заклучок. И го поткрепувам со една случка од пред две-три години, кога регуларно влеговме во градски автобус. Но, кога возачот се обиде да ја дигне рампата пред да тргне, таа се заглави на тротоарот и се блокираше. По неколку неуспешни обиди, тој ги засука ракавите, клекна на плочникот, ишприца антикорозивен спреј и почна да го поправа дефектот. Одма му се придржија неколку мажи да му помогнат. Останатите патници – од мајки со деца до возрасни луѓе – трпеливо чекавме. Поправката траеше 15тина минути и кога автобусот конечно тргна, сите му аплаудираа на мајсторот и му довикуваа: „Грацие, сињоре!“. Ама, претпоставувате, беше тоа во Италија. И беше тоа во едно местенце близу Венеција. И беше тоа мал и симпатичен настан со големи пораки.


Сакав, сепак, да проверам  и бидам сигурна дека се работи за истата „зарибана“ причина и кај нас за побрзо да се отстрани и овдешниот дефект. Се распрашував  и најпосле добив информација од прва рака. Рампите на автобусите на јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ работат. Запишете регистрација, час и број за да пријавите поплака и ние ќе интервенираме. Иронично, двете објаснувања на супстантивот од погоре се во колизија. Се запрепастив. Не ми се веруваше. Значи ли ова дека дефектот е од човечки, а не од технички карактер? Значи ли ова дека возачот не` изложува на додатно малтретирање (и, следствено, откажување) само затоа што го мрзи да соодветно го позиционира автобусот и притоа притисне едно копче за спуштање/дигање на рампата? Значи ли ова дека дефектот е непоправлив? Одговорот поразува.

Колку и да е случајот нехуман, суров, па дури и бесмислен, тој е само силна рефлексија на не/приликите во системот во кој живуркаме. Исто како што и неговата ерозија се одразува или, поточно, го предизвикува самиот дефект. И нереално би било тој да се анализира изолирано. Можеби некој ќе рече дека во време кога ни се случуваат општествени дефекти со огромни размери и последици, овој со рампата се чини минорен. Но, не е. Настрана фактот што со него законски се кршат елементарните човекови права и слободи на патниците со посебни потреби, она што повеќе (ме) растажува е отсуството на неопходните атрибути т.е. општопознатите морални обврски кои не` прават нас луѓето – луѓе. За жал, тука легислативата не може се` да стори. Да, работникот може формално да биде казнет за несоодветно извршување на работната задача, ама што суштински ќе смени тоа е друго прашање.

Затоа, драг возачу, а пред се` човеку, помислете фино каков (д)ефект ќе предизвика вашето (не)употребување на направата наречена с(о)вест!

No comments:

Post a Comment