le piaf

AUDIATUR ET ALTERA PARS!

My Photo
Name:

A words trier, a stormy sea traveler, a jazz lover, a painting admirer, a poetry parser, a gig addict, a scent seeker, a love inventor, a harmony balancer. Or perhaps, a philanthropy practitioner, a knowledge seeker, a common grounds searcher, a truth resolver. Otherwise, a short story writer, an independent journalist and a translator (i.e. tiny and frail girl) who lives in deeds, not years. In thoughts, not breaths. In feelings, not in figures on a dial. And who also counts time by heartthrobs. Because most lives who thinks most, feels the noblest, acts the best.

Thursday, September 29, 2011

РИБАР - ЛЕТАЧ - МАЖ

Не одам често на отварање на изложби. Напротив, неретко намерно ги одбегнувам премиерите заради тоа што на нив е ужасно тешко да се улови смислата (ако воопшто и ја има) на изложеното, и проклето лесно да се посегне по бесмислата. Сепак, тој ден го одживеав во екстатичниот ритам на возбудливиот хепенинг во на(го)вестување. Бидејќи, Мирослав Масин е настан сам за себе. Барем, за мене.

Амбалажата и содржината се мошне ретки компањони, но, понекогаш се случува (иако, логистиката к`о за инает им оди во контра) да се во складност. Сублимираната импресија тежнее кон вистинска лична алхемија. Иако таа се случува и во тотално несоодветен простор и иако публикумот не знае точно зошто се нашол таму. Во таква неблагодарна констелација на нештата, мрачната и густа текстура на ноќта не ми најавува(ше) ниту една ѕвезда на хоризонтот. Се` додека од не знам-каде, сосема дискретно, не се појави тој, мајсторот на платната. А, тие, платната, иако не можев ни да ги видам доволно добро и пристојно блиску од истите особи кои доаѓаат да ги голтаат истите позиции, фалби и пијачки, можев само фино да ги насетам. Од дистанца. Но, тоа е, се чини, цената што мора да се плати. Тоа е тој блесок на крајот од долгиот и темен тунел. Зошто, сликарот мора да биде сам додека слика, исто онака како што мора да слика за да ја издржи осаменоста. Или, добриот сликар е како лош љубовник кој ја заведува својата публика. И иако ја мами користејќи ја вистината (читај: природата), тој никогаш не им ја дава на набљудувачите пр(а)вата верзија на својата приказна. Сликањето е, општопознато, мачен процес на постојано досликување, бришење, разместување... за да на крајот се добијат слики кои или ги менувате додека ги гледате, или кои ве менуваат откако ќе ги погледате.

Овие второ-класифицираните, во кои, неспорно, спаѓаат и сликите на Масин, се прилично раритетни низ нашите тесни галериски, јавни, приватни, духовни, суетни и какви-се`-не ходници, а нивниот автор е прилично фрекфентен и широк низ локалните “џепчиња“. Такви се заради нивната ликвидност, питомост, јасност, имагинативност, меланхоличност, опивливост, флуентност, транспарентност, чесност, веселост, проникливост и оригиналност. Најмногу, всушност, заради самиот Миро. Ама, не заради неговиот стасит физикус и убав лик, ниту лежерниот имиџ и сопствената (не)осмислена визуелна себе-презентација, па, дури ни заради симпатичната скопска надменост. Можеби да и заради прекрасната, минималистичка сликарска лирика што секогаш е во перфектна хармонија со рафинираната, воздржана и контемплативна подлога, но, најповеќе заради атакот од сите вистински артистички атрибути што тој во раните деведесетти бескомпромисно ги внесе во конвенционалниот, млитав, инертен и таинствен македонски ликовен живот (Масин е прототипот за хуман, бунтовен, порочен, неразбран, страстен, ранлив, нежен и талентиран егземплар на вистински боем, бонвиван и бајкограф), и така, комплетно го промени општиот начин на перцепција и демистификација на националното сликарство. Она што отсекогаш ме спрепнува(ше) и запира(ше) кај неговиот естетски концепт, е, силната взаемна емоционална резонанца, вродениот сензибилитет, со кој вешто се дисторзирани ликовите, фигурите и телата, раскошната колоритноост и огромните графички облици со чудесна орнаментика, квалитетната, сериозна, артикулирана, издиференцирана стилска форма и изместената геометрија што и` пркоси на гравитацијата и го искривува аголот на нормалата, притоа создавајќи си своја, сопствена “нормала“.


Без никаков обид да се креира илузијата на псевдо длабочина, Масиновите нови, симплифицирани, линеарни, повеќе-телесни, биоморфни, хибридни форми на птици-риби-жени продолжија да летаат, пловат и левитираат низ етеричниот бескрај на белината на следното утро (која совршено се совпадна со белината на платната), дури повторно и повторно ги анализирав, овојпат низ компјутерските прозорчиња. Додека синоќа, на прв поглед, простодушната убавина на нестварните облици во волшебни бои ми делуваше спонтана, па дури и стохастична, реалноста на новиот ден ми (у)кажува дека во нив нема ниту еден случаен потег со четката/раката/прстот. Тоа е само долго акумулиран порив, желба, сон, императив, визија, машкост, копнеж, мисла, емпирија... или нивна мешавина која инстантно (или импулсивно, или експлозивно) се “истура“ врз нестрпливото платно. Без задршка, искрено и чисто. Таму се` е во идеална складност: и (навидум) наивниот минимализам, и нагласениот еротицизам, и афирмативниот натурализам. Нема ништо вишок, ништо не недостасува – се` е позиционирано перфектно. Иако насловот на циклусот алудира на некаква еволутивна градација, таа со намерна леснотија се ништи, разлева, трансформира, преплетува и фузира, само и само во име на толку посакуваната возвишена и универзална убавина. Кај актуелниот Миро Масин, едноставно, се чувствува дека се` и` е подредено нејзе: таа е толку присутна во одважната, а сепак, невина белост и пред и зад граничната линија, во конкретноста и апстракноста, внатре и надвор, во полнотијата и празнотијата, во и вон контекстот, така што станува квинтесенцијална. Како и, впрочем, се` друго од женски род.

Со секој нареден завршен сликарски опус, Масин затвара дебело поглавје од темелното, повеќегодишно себе-истражување и излегува од него естетски попрочистен, поредуциран, попрецизен, порафиниран, помудар. Сликарството на Масин (од неговите славни антропоморфни “Трансформации“, преку сензуалните “1000 Кisses“ и “La Vita E Belissima“, па се` до разголената, бела и шарена “Риба-Птица-Жена“) е микро свет во кој, мемориите, спротивностите и метафорите се во колизија. Во перманентна конфронтација меѓу инстинктите за чемер, страв и смрт и инстинктот за живот, љубов и секс, неговата уметност е триумфална и категорична афирмација на постоењето!



PS Овој текст требаше да биде објавен во денешниот број на Форум. Но поради очајно инертната политика на новиот уредник, неговата морално распадната личност, дебел непрофесионализам и “остар“ новинарски сенс, тој се најде овде. Ова е воедно и одговорот на сите што ме прашуваат “Зошто веќе не пишуваш за Форум?“.

6 Comments:

Anonymous ana said...

сериозен, а ноншалантен осврт.
пост-скриптумот е исто, интересен...

Fri Nov 23, 11:44:00 PM 2007  
Anonymous Anonymous said...

Mnogu jako!

Fri Nov 23, 11:55:00 PM 2007  
Blogger Arheoblog said...

Сега ми е јасно зошто е таков освртот, ама крајот го краси делото. :)

Како што би рекол еден мој пријател, Масин е навистина понекогаш пре продуктивен сликар и знае да изгине. Иако несомнено има и добри циклуси.

Што се однесува до Форум, ти мора да се зае**ваш. Па кој ти чита весник од 227 продадени броја неделно, кога имаш блогови кои дневно имаат толкава посетеност. You got the point.

Cheers up ;)

Археолошки дневник vol.1

Sat Nov 24, 11:30:00 AM 2007  
Blogger le piaf said...

ej Arwena, fala ti! :-)

Sat Nov 24, 03:00:00 PM 2007  
Anonymous критичарот said...

пјаф, пристасна си... он е стварно генијален ама на моменти! има и многу лоши моменти, ама вие жените стално паѓате на него.
му завидувам ;)

Sat Nov 24, 07:56:00 PM 2007  
Blogger le piaf said...

Taka e, subjektivna sum. A koj ne e? Site nie si imame dragi/podragi/najdragi muzichari, slikari, poeti...

I Aco Rembrant e odlichen umetnik, ama Miro ja ima karmata shto go pravi moj favorit!

Sun Nov 25, 01:49:00 PM 2007  

Post a Comment

Links to this post:

Create a Link

<< Home