le piaf

AUDIATUR ET ALTERA PARS!

My Photo
Name:

A words trier, a stormy sea sailor, a jazz lover, a painting admirer, a poetry parser, a gig addict, a scent seeker, a harmony balancer. Or perhaps, a philanthropy practitioner, a knowledge seeker, a common grounds searcher, a truth resolver. Otherwise, tiny and frail creature who lives in deeds, not years. In thoughts, not breaths. In feelings, not in figures on a dial. And who also counts time by heartthrobs. Because most lives who thinks most, feels the noblest, acts the best.

Sunday, March 30, 2014

MR. SHRIGLEY!


Ви текнува ли кога последен пат сте се смееле во уметничка галерија? Но, притоа, не мислам на исмевање на се` што значи современа уметност, туку на искрено и срдечно гласно кикотење на некое уметничко дело? Не можете да се сетите? Во ред. Ви предлагам еден брилијантен пример(ок). Кога ќе ги погледнете карикатурите, фотографиите, скулптурите, инсталациите и анимациите на Дејвид Шригли, сигурно ќе прснете од смеа. Меѓутоа, смеата трае најмногу неколку секунди и потоа исчезнува како со рака однесена. Тоа е, знаете, оној првичен, краток и шокантен „напад“ на церење, додека не се соземете и не си ја поставите онаа фамозна загатка „Чекај, а што, всушност, авторот сакал да каже?“ И додека не ги наредите и прередите во свеста видените контрадикторности и амбигвитети. А потоа, следуваат фазите на восхитување, одобрување и, секако, помирување. За крај, останува тап и замрзнат „Да, тоа е тоа“ поглед и потрврдно климање со глава. И молк.


Линеарните цртежи на Дејвид Шригли се мрачно огледало на неговите секојдневни размисли, одлуки, проблеми. Неговиот црн хумор и неговата софистицирана грозотија навистина ве тера да се прашате „Каков ли е тоа ум што создава вакви дела?“ Луд тип, луда уметност – сигурно си мислите. Јас, исто така, си визуелизирав и скицирав во приватниот ментален нотес некаков очаен, откачен и осамен лик, кој му праќа пораки на светот преку процепот од својата заклучена врата. Ама не е баш така. Дејвид Шригли изгледа изненадувачки меко, питомо и учтиво. И прилично англиски, иако е Шкотланѓанец кој живее и работи во Глазгов. Тој е складно облечен, конвенционален, срамежлив, семеен човек со фини британски манири. Сепак, она што тој го прави остава впечаток на остро, дрско и безобразно разбивање на „возвишеното“. Прво, ја забележувате одважноста и директноста при обраќањето. Па се чудите како е можно нацртаното и напишаното да ви се толку многу блиски, и, се разбира се идентификувате и со објектите и со субјектите. Потоа, читате слепа очевидност. Всушност, не. Првото нешто кое целосно ве обзема е артистичката флуидност на авторот. И пред да потонете во неговото царство, дури ве фаќа и бес зошто „наседнувате“ на вакви бесмислици и баханалии. А кога сте веќе длабоко внатре, се прашувате и негодувате околу жанрот: парче уметност или само карикатура? Хмм. Нешто волку рудиментирано не би можело да спаѓа во уметнот, сигурно си помислувате. Карикатура? Цртеж со текст? Лошо ракописно пишување? Карикатурата обично само моментално засмева. И толку. Но, ова (што и да е) и замислува. И тоа сериозно. И долго. Тогаш, веројатно веќе би требало да се смести во зоната на концептуалистите и би значело човечка лекоумност? Не. Лажлив е впечатокот дека продуктот е направен инстантно и импулсивно. Присвојувајќи ја естетиката на вознемирен адолесцент кој не умее да црта особено добро или на пијан маж кој шкрта со пенкало во тоалет од некој си паб, Дејвид Шригли како да криумчари длабочина и разум пред очите на радарите. Тој иако е експерт за размачкување на границите (наивно – префинето, цело – фрагментирано, врамено – неограничено, скаларно – перспективно, природно – фантастично), и иако неговата уметност „оперира“ на крстосниците меѓу филозофијата и апсурдноста, Дејвид Шригли добро знае дека антоним на зборот „хумор“ не е зборот „сериозност“, туку „некомпетентност“. И дека од другата страна на хуморот стои тагата, како и дека хуморот е нестален и променлив, па затоа тој не го третира ниту централно, ни излишно. Тоа е многу темен хумор кој потекнува од местото на фрустрацијата како желба за подобро човештво. Иако го етикетираат како аутсајдер во современата, Дејвид Шригли прави уметност на инсајдер – манифестации и експресии на внатрешната чудност, која на некое неартикулирано ниво веднаш се препознава, разбира и допаѓа.


За еден уметник кој е познат по своите сирови скулптури направени од несоодветни материјали, духовити и навидум аматерски цртежи и комични шкрабаници кои го отсликуваат животот во сржта на својата брутална апсурдност, 44 годишниот Дејвид Шригли води една запрепастувачки дисциплинирана живеачка. Таа вклучува строга работна рутина, џогинг и јога. Апсурдно, нели? „Па не може по цел ден да лежите и дувате џоинти. Апсурдноста мора да се докаже и покаже. Па така, јас сум воглавно трезен и размислувам како и со кој маркер да ја нацртам.“, вели Дејвид Шригли во својата нова стрип книга „Како се чувствуваш денес“. Како и карактерот на самиот автор, и неговата уметност поседува зрак светлина која му пркоси на мракот. Дејвид Шригли има развиено сопствена комична естетика која еднакво добро кореспондира и со популарната култура и со убавите уметности. Иако во суштина е грда и иронична, таа е непредвидливо забавна и лесно приемчива. Па така, во подлата и бескрајна битка со бесцелноста и баналноста на овој изместен свет, барем знаете дека некаде таму го имате за сојузник Дејвид Шригли!



0 Comments:

Post a Comment

<< Home