ПОСЛЕДНИОТ МОДЕРНИСТ
Оскар Рибеиро де Алмеида Нимаер Соарез Фиљо е бразилски национален херој, државно богатство и нативна икона, а сместен во глобалната рамка тој е еден од неколкуте главни архитекти на модерната ера. Љубезниот и шармантен пионер на округлиот бетон играјќи си со лимитите на инженерството инјектирал добра доза на сексуалност, пасија и надреализам во строгите машини за живеење на Корбизие и затоа Оскар Нимаер ги има испроектирано најодважно дрските, највозвишено поетичните и најсимпатично откачените зданија на 20-от век. Веројатно повеќе од било кој друг, тој внесе лиричност и популистички сензибилитет во современата јавна архитектура. Стилот на нескриениот сензуалист честопати е споредуван со автентичните ритмови на самба и боса нова – разигран, палав и страстен. И токму поради оваа компарација, умот почнува оваа музика ја перцепира како куќа дизајнирана од Оскар Нимаер или обратно, сеедно. А, куќата е убава, бизарна и еротична, складна мешавина од студеното и рационално европско влијание од Корбизие обвиено во топла и човечка прегратка својствена за локалната кариоки култура полна со задоволство, елеганција и секс. Уникатниот ефект на Нимаер е во извиткувањето на бескрајно правите линии во кривини, исто како облините на жените од неговите цртежи или како вијугавите облаци и планини над Рио, во веселите интерсекции од бетон и стакло, во воздушестите и транспарентни галерии наместо кровови. Се` во оваа архитектура како да кова заговор да го театрализира секое движење низ просторот и да го контрастира темното и светлото, високото и ниското, внатрешното и надворешното. Формите на Оскар Нимаер се ехо на природата (всушност, Нимаер успешно ги преведе контурите на бразилските жени во органски, живописни и спонтани згради), но едновремено стојат спроти неа; пејсажот е секогаш издизајниран да се потврди себе си пред тоа да го направи градбата и дискретно да се појави од или низ него и така да се нагласи неговата суровост, ама и да се потенцира заедничката романса со неа.
Како што северно-американците се поврзани со земјата, така, јужно-американците се поврзани со небото, вели една стара легенда. А, Нимаер и неговата темпераментна архитектура се само уште една потврда за ова; таа е толку ведра, пријателска и приемчива како азурно синиот свод над Рио. И задолжително се огледува во океанот. “Во една пригода Корбизие ми рече дека гледа одраз од небото на Рио во моите очи. Јас се насмеав и му одговорив дека преферирам да мислам дека себе си се чувам внатре, во мојот мал, приватен музеј каде што е сместено се` што сум видел и сакал во животот.“, се сеќава Нимаер од своето атеље над Копокабана, во кое сеуште минува голем дел од денот. И сеуште најмногу размислува за социјалната димензија на неговото творење, иако е убеден оти тезата дека модерната архитектура може да ги реши социјалните проблеми е чиста демагогија. Тој иако има проектирано многу јавни училишта за сиромашни деца, неколку универзитети и цели населби за работничката класа, никогаш не бил архитект идеалист, туку истражувач на прогресот на технологијата и формата, а најмногу граѓанин кој се бори за социјални промени.
И на самиот крај, Оскар Нимаер сеуште го прикажува модернизмот како стил без вообичаената конотација. Во своите мемоари “Кривини на животот“ присеќајќи се на едно дневно сонување додека возел, видел облик на похотна жена во облаците. “И таа остана таму уште долго, гледајќи ме од далечина, како да ме повикува да и` се придружам. Она од што се плашев, се случи. Постепено мојата девојка исчезнуваше, а нејзините раце се ширеа очајно. И тогаш почувствував дека оваа перверзна метаморфоза е слична на нашата судбина. Обврзани сме да се родиме, растеме, се бориме, умреме и да исчезнеме засекогаш.“