ДЕФЕКТ
Мал, голем, технички,
суштински, машински, примарен, критичен, естетски, сериозен, радикален, карактерен, функционален,
системски, основен, спореден, инхерентен, политички, фатален. Сите овие придавки
до/опишуваат една единствена именка. Се вика „дефект“. Во Кембриџ речникот е
објаснета како грешка или проблем во нешто или некого што предизвикува или го
спречува тоа нешто или таа особа да функционира правилно. Второто (и според
современата наука спорно) објаснување и употреба е дека дефект е физичка
состојба во која нешто не е во ред со некој дел од нечие тело. Синоними се
нерегуларност, мана, недостаток, фалинка, несовршенство. Значењето на зборот е
во фокус на мојот интерес во последно
време бидејќи живеам во општество полно со дефекти од различна природа. И во оваа приказна ќе се позанимавам со него од една лична, секојдневна и
навидум обична перспектива.
Не користам јавен
превоз често затоа што искуството ми е секогаш еднакво непријатно. Ќе ви раскажам
зошто. Кога и да се обидеме јас и тој што ме придржува да се превеземе со
автобус на ЈСП на кој има знак дека е пристапен за лица со попреченост, возачот
прво се преправа дека не не` гледа. Откако ќе му скренеме внимание дека постоиме,
ќе го замолиме да ја спушти рампата за да влеземе. Тој, онака, безволно ќе не`
погледне, ќе одмавне со глава и низ заби ќе процеди: „Не работи, во дефект е.“
„Па, како да се качиме?“, се чудиме гласно. „Снајдете се, нека ви помогне
некој!“, следи одговор. И сфаќам дека тука завршува секој обид за комуникација на
мојата маленкост и неговата висост. Тогаш ќе притрчаат неколку добронамерни
патници и ќе ме кренат со се` количка во автобусот. Возењето е, секако, тензично
и стресно, што од настанатата ситуација, што од тоа што не` чека истата
процедура за слегување. Додека се препотувам/е, шоферот изгледа сосема спокојно.
А, по истоварувањето, чувството на олеснување ми/ни е толку големо небаре сме
се искачиле и симнале од врвот на светот.
Размислував каков
ли е тој заеднички дефект на скопските автобуси што рампите не им се во
функција. Мора да е `рѓосан механизмот од неупотребување, тоа би бил некаков
мој најлогичен заклучок. И го поткрепувам со една случка од пред две-три години,
кога регуларно влеговме во градски автобус. Но, кога возачот се обиде да ја дигне
рампата пред да тргне, таа се заглави на тротоарот и се блокираше. По неколку
неуспешни обиди, тој ги засука ракавите, клекна на плочникот, ишприца
антикорозивен спреј и почна да го поправа дефектот. Одма му се придржија
неколку мажи да му помогнат. Останатите патници – од мајки со деца до возрасни
луѓе – трпеливо чекавме. Поправката траеше 15тина минути и кога автобусот
конечно тргна, сите му аплаудираа на мајсторот и му довикуваа: „Грацие,
сињоре!“. Ама, претпоставувате, беше тоа во Италија. И беше тоа во едно местенце
близу Венеција. И беше тоа мал и симпатичен настан со големи пораки.
Сакав, сепак, да
проверам и бидам сигурна дека се работи
за истата „зарибана“ причина и кај нас за побрзо да се отстрани и овдешниот
дефект. Се распрашував и најпосле добив
информација од прва рака. Рампите на автобусите на јавното сообраќајно
претпријатие „Скопје“ работат. Запишете регистрација, час и број за да
пријавите поплака и ние ќе интервенираме. Иронично, двете објаснувања на
супстантивот од погоре се во колизија. Се запрепастив. Не ми се веруваше. Значи
ли ова дека дефектот е од човечки, а не од технички карактер? Значи ли ова дека
возачот не` изложува на додатно малтретирање (и, следствено, откажување) само
затоа што го мрзи да соодветно го позиционира автобусот и притоа притисне едно
копче за спуштање/дигање на рампата? Значи ли ова дека дефектот е непоправлив?
Одговорот поразува.
Колку и да е
случајот нехуман, суров, па дури и бесмислен, тој е само силна рефлексија на не/приликите
во системот во кој живуркаме. Исто како што и неговата ерозија се одразува или,
поточно, го предизвикува самиот дефект. И нереално би било тој да се анализира
изолирано. Можеби некој ќе рече дека во време кога ни се случуваат општествени
дефекти со огромни размери и последици, овој со рампата се чини минорен. Но, не
е. Настрана фактот што со него законски се кршат елементарните човекови права и
слободи на патниците со посебни потреби, она што повеќе (ме) растажува е
отсуството на неопходните атрибути т.е. општопознатите морални обврски кои не`
прават нас луѓето – луѓе. За жал, тука легислативата не може се` да стори. Да, работникот
може формално да биде казнет за несоодветно извршување на работната задача, ама
што суштински ќе смени тоа е друго прашање.
Затоа, драг возачу,
а пред се` човеку, помислете фино каков (д)ефект ќе предизвика вашето (не)употребување
на направата наречена с(о)вест!