НАЈСКАП(ОЦЕН)ИОТ ПОРТРЕТ НА СВЕТОТ
Минатата недела во една малечка њујоршка галерија, на аукција е продадено најскапото парче уметност на сите времиња. ’Портретот на Адела Блох-Бауер I’ од Густав Климт достигна вртоглава цена од 135 милиони долари. Вреди ли, навистина, толку?
Секако дека вреди, би ви потврдил Роналд С. Лодер, бивш Американски амбасадор во Австрија, козметички тајкун (сопственик на компанијата Еstee` Lauder), милијардер и основач на Museum Neue Galerie во Њујорк, кој ’Портретот на Адела’ го купил од нејзината внука. Но, и секако дека вредноста на сликата не е таква, каква што е, заради нејзините луксузни атрибути. А, ги има повеќе. Прво, инспириран од спојувањето на Јапонскиот лак и Византиските мозаици, синот на граверот со скапоцени материјали, Густав Климт, нанел цели слоеви златни и сребрени ливчиња на добар дел од платното. Резултатот е толку успешен, што имате чувство дека главата и рацете на бароницата Адела лебдат во потполно артифициелен свет и нестварен простор. Целиот ефект на гламур е зголемен со егзотични симболи и извивања, кои Климт ги позајмил од Египетската уметност и ги вткајал во раскошниот, каскаден фустан на Адела. Второ, сликата портретира проминентен лик од виенската богата, индустриска елита, која имала за цел да го прикаже нејзиниот скап шарм. Благороднички како Адела Блох-Бауер се собирале во елегантното студио на Климт, декорирано со Wienerwerkstatte мебел и плаќале големи суми за вниманието на Маестрото, за да потоа го изложат финалниот резултат во интимноста на своите спални соби, како совршен амблем на нивната имотност. И трето, платното ја потврдува промената на векот (насликано е во 1907 година) и виенското убедување дека сексот е пристојна провинција на богатите и култивираните. Во Климтовите волуминозни, згужвани и страстни бакнувања, во сопствениот авто-портрет во форма на гениталија, под силното Фројдовско туторство, се навестуваше првиот ’секси’ уметник на кој не му пречеа озборувањата за љубовните афери и ’интелектуални пријателства’ со своите патронки.
Семејството на Блох-Бауерови, како и на Климтови, имале еврејско потекло, па така, заедно со оваа слика украдени се уште четири ремек-дела на Климт од страна Нацистите за време на Втората Светска Војна, а, многу години подоцна таа конечно го наоѓа својот пат до Виенскиот Belvedere Museum и станува предмет на жестока битка околу нејзината сопственост помеѓу Австриската влада и наследниците на Адела Блох-Бауер.
Но, ова се (само) техничките, физичките и социјално-општествените карактеристики на најскапата уметност на светот. Каде ли да се побараат и пронајдат оние задскриените, метафоричните, духовните вредности на делото? Сигурно не во (буквално) златните нишки од нејзината тоалета, ниту во нејзиниот материјален статус. Но, сигурно да во потписот на големиот Густав Климт и целиот ’товар’ што со себе го носи неговото име. Инвентивност, сензуалност, имагинативност, колоритност, натуралност, спонтаност, транслуцентност, мозаичност, декоративност, префинетост... се првите асоцијации кои би се закачиле за сликарството на Климт. Најрепрезентативниот претставник на Jugendstil-от и најекспонираната фигура на виенското Art Nouveau движење со соединувањето на стилизирани форми и надприродни колорити, се чини успеа да создаде најсугестивен уметнички израз некогаш почувствуван. Сликајќи големи орнаментални украсни ленти на алегорични сцени, бајковидни птици и животни, орнаментални и цветни мотиви, мистични вртлози, свети божества, калеидоскопи од блескави бои, агресивни голотии... Густав Климт го пронајде директниот пат до тајните на потсвеста и лавиринтите на умот. Како портретирач на Жената, добро-ситуираната, вљубената, па, и фаталната жена, австрискиот симболист ја смести сексуалноста како примарен животен принцип и ја нагласи како клучен аспект за човековото постоење. И заради сето ова, тука некаде и треба да се насети вистинската вредност на Аделиниот портрет. Најистакнато помеѓу ретките ’златни’ дела на Климт, платното едноставно го заробува својот елегантен и интелегентен субјект како идеал за женската убавина. И прикажува парче од еден невидлив град, од една одамна исчезната Виена. А, најмногу од се` манифестира љубов, иако не е тоа среќно славење на љубовта, туку, трагично, ничеовско потврдување на нејзината ирационалност, на која никој од нас не умее да и` одолее.
Ама, сепак, вреди.
*Ова е мојот нов текст за Форум. Не дека не може да се прочита во самиот магазин или за некој ден на неговиот сајт, ама, некако ми беше мерак да го ставам на блог, само и само заради (мојата огромна почит кон) Климт.
4 Comments:
ми текнува дека јас овој настан со сликата на Климт веќе го споменав по повод кога почина Hubertus Czernin, австриски новинар кој беше инволвиран во потрагата
http://arheo.blog.com.mk/node/31053
Климт со уште неколкумина сликари спаѓаат во моите омилени. Ова беше вест која не се одминува.
Инаку nice text :)
Fala :-)
"Но, ова се (само) техничките, физичките и социјално-општествените карактеристики на најскапата уметност на светот. Каде ли да се побараат и пронајдат оние задскриените, метафоричните, духовните вредности на делото? Сигурно не во (буквално) златните нишки од нејзината тоалета, ниту во нејзиниот материјален статус".
Хммм јас пак мислам дека сето тоа е целата поента на Климт, не му го соблекувајте елитистичкото сако на уметникот ако навистина го носи. Сликата е портрет, жената сакала да биде баш тоа, нема ништо скриено, се е техника (уметност значи техника, вештина на преприс на мисловното и духовното во материјалното).
Единствено би споменал дека и тој сакал нешто да критикува, има некаков подбив во тоа претешко злато. Погледни ги пирамидите кои имаат око во средината - Паноптикон. Хех како ја галат по телото. Си црткал човекот и галаксии, полжавчиња. Баш убаво ама дали мислел на космосот?
Мајсторот, уметникот не го размислува тоа, нити го чуствува, тоа е спој, хибрид. Ова не е концептулна уметност ниту пак гола страст како Модилијани.
Елитизам чист и покрај ситниот подбив.
Шостакович компонирал, Синатра пеел, но и двата за масонерите, олигарсите. За таквите што можат да ја купат таа слика 135 милионска слика, ја намениле тие што можат да ја платат да се направи. Тука уметникот е само пренос. Едноставно тоа е еден затцорен историски круг кој можеме да го гледаме и коментираме, ние сме надвор.
Ех, зависи од човекот дали е спиритуалист, натуралист или концептуалист. Ако сте овие вторите јуриш на германскиот натурализам, ако последниве бујрум на Joseph Beuys. Вие духовните чудете му се на византијците, а елитистите нека си купуваат, сликаат и препродаваат позлатени слики.
Браво Густав мајсторе, да беше во Охрид ќе работеше со филигран, султанов златар. Алал нека ти е, капа долу.
Denes Polock go nadmina so 145M :)
Post a Comment
<< Home